Гана му врачи отказ на Крис Хјутон

Гана му врачи отказ на Крис Хјутон

пред 4 месеци

Фудбалскиот сојуз на Гана го отпушти селекторот на репрезентацијата Крис Хјутон по елиминацијата во групната фаза на Африканскиот куп на нации (КАФ).

Во понеделникот и покрај два гола предност, Гана ремизираше 2:2 против Мозамбик и со два бода го заврши натпреварувањето во групата Б. Претходно тие ремизираа 2:2 против Египет и загубија од Зеленортските Острови со 2:1.

Во Сојузот се надеваа дека репрезентацијата може да помине како најдобро третопласирана, но резултатите од синоќешните натпревари не се поклопија.

„Крис Хјутон е ослободен од должноста и одлуката стапува на сила веднаш. Извршниот совет исто така одлучи да го распушти стручниот штаб на националниот тим“, се вели во соопштението на Фудбалскиот сојуз на Гана, пренесе Би-би-си.

Поранешниот тренер на Њукасл и Брајтон почна да работи во репрезентацијата на Гана во февруари 2022 година како технички советник, а селектор стана по Светското првенство во Катар кога поради лошите резултати беше сменет Ото Адо.

Роден е во Англија, но 12 години беше репрезентативец на Ирска од каде што е мајка му, додека татко му од Гана.

Во декември 2022 година, Гана го заврши Светското првенство како последно пласирана во групата Х со победа во три натпревари.

Гана и претходниот Африкански куп, во 2021 година во Камерун, го заврши во групната фаза.

Share
Scroll to Top