Илкај Гундоган, еден од најдобрите фудбалери на Манчестер сити оваа сезона, вели дека еден ден би сакал да стане фудбалски тренер, откако во својата кариера имаше можност да работи со некои од најдобрите тренери на светот.
30-годишниот германски репрезентативец е еден од најзаслужните што Сити има 9 поени предност на врвот на Премиер лигата со натпревар помалку, и вели дека е фокусиран на играта, но додава дека би сакал да стане тренер.
Јирген Клоп го донесе Гундоган во Борусија Дортмунд во 2011, со кои освои двојна титула во Германија во првата сезона, за во втората да стигне до финалето на ЛШ. Потоа, тој работеше со Томас Тухел една година во Дортмунд, пред во 2016 година да стане првото засилување на Пеп Гвардиола во Манчестер сити, освојувајќи две титули од Премиер лигата.
„Неодамна се распрашав за процедурата која е потребна да се стане тренер и да се добие лиценца. Затоа, тоа е повеќе од една мисла во умот, но мислам дека имам уште време за докажување како фудбалер. Со Пеп, Клоп и Томас Тухел ги имав најдобрите тренери во фудбалот и научив многу од нив“, вели Гундоган.