Дали Ниберг ги оштети Арсенал и Баерн?

Дали Ниберг ги оштети Арсенал и Баерн?

пред 3 недели

Арсенал и Баерн Минхен одиграа 2.2 во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите. Арсенал имаше предност со голот на Сака, Баерн преку Гнабри и Кејн направи пресврт, а конечниот резултат го постави Тросар.

По натпреварот и едните и другите сметаат дека биле оштетени. Арсенал се лути за ситуацијата во последната минута, кога Сака имаше контакт со Ноер, а Баварците бараа пенал кога Габриел ја фати топката со рака откако Раја ја уфрли во игра.

Судијата Ниберг од Шведска не покажа на белата точка и во двете ситуации.

„Судијата им кажа на нашите играчи дека тоа е детска грешка и дека нема да досуди таков пенал во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Ние сме лути поради тоа. Судијата немаше храброст да покаже на пенал. Тоа беше голема одлука против нас“, изјави тренерот на Баерн Томас Тухел.

Двајцата поранешни дефанзивци на Англија, Рио Фердинанд и Мартин Кион, не ја коментираа оваа ситуација, туку онаа во 95.минута. Сметаат дека судијата требало да досуди пенал за Арсенал.

„Чист пенал! Мануел Ноер ја остави ногата. Мораше да биде пенал. Мораа да го повикаат судијата од ВАР собата да ја разгледа ситуацијата. Навистина не ми се верува дека не покажаа на белата точка. Тоа е толку важна одлука на ваков натпревар“, изјави Фердинанд.

Истото мислење го има и поранешниот капитен на Арсенал, Мартин Кион.

„Сметам дека е доста алармантно што не беше досуден пенал!“

За разлика од нив двајца екс-фудбалерот на Арсенал, Метју Апсон смета дека судијата донел правилна одлука.

„Мислам дека беше правилна одлука на крајот да не се досуди пенал. На прв поглед изгледаше дека треба да биде пенал, но по гледањето на видеото се чини дека Букајо Сака го иницира контактот. Мануел Ноер застана, Сака бараше контакт со голманот, тој удри во Ноер. Навистина добра одлука на судијата, кој беше под неверојатен притисок во тој момент“, изјави Метју Апсон, поранешен стандарден играч на Вест Хем, Бирмингем, Брајтон…, кој играше за Арсенал од 1997 до 2003 година.

Share
Scroll to Top