Дејан Верон ја продолжи традицијата на својот татко и дедо во Естудијантес

Дејан Верон ја продолжи традицијата на својот татко и дедо во Естудијантес

пред 3 години

Естудијантес е еден од „големите“ аргентински клубови, со голем број на славни имиња во своите редови во историјата, но клубот од Ла Плата е специјално поврзан со едно семејство – Верон.

Во 1960-тите и 1970-тите, Хуан Рамон Верон беше една од ѕвездите во најуспешниот дел од историјата на клубот, освојувајќи три последователни титули од Копа Либертадорес, а во 1968 и до славна победа над Манчестер јунајтед во Интерконтиненталниот куп.

Три децении подоцна неговиот син, Хуан Себастијан Верон, ја стартуваше блескавата кариера во повеќе европски клубови (меѓу кои и Јунајтед), пред да се врати во Ла Плата и да ја освои првата титула од Либертадорес по таа златна ера во 2009 година.

Сега, тука е третиот Верон. Синот на Хуан Себастијан, 20-годишниот Дејан Верон во текот на викендот дебитираше за првиот тим на Естудијантес, најавувајќи нова епизода во историјата. Доколку се чудите на името на младиот фудбалер (во оригинал Deian), тој го доби името по поранешниот соиграч на Верон од Интер, а сега тренер на Црвена звезда, Дејан Станковиќ.

Ваков семеен континуитет во еден клуб е многу редок. Даниел Малдини во февруари 2020 заигра за првиот тим на Милан за да ги следи стапките на својот татко Паоло и својот дедо Чезаре, откако неговиот постар брат Кристијан не успеа во тоа.

Во Јужна Америка пак, има два слични случаи. Уругвајскиот Пењарол беше дом на фудбалерот од средниот ред Хуан Карлос Корацо, неговиот зет Пабло Форлан и неговиот внук Диего Форлан, кои добија статус на икони на клубот.

Во Буенос Аирес пак, во тимот на Лос Андес е семејството Де Граса – Мануел де Граса, еден од првите фудбалери со африканско потекло во аргентинскиот фудбал, во 1938 година заигра за клубот, пред за него да играат и синот Абел и внукот Ернан.



Share
Scroll to Top