Ако проектот на Европската Суперлига доживее фијаско, како што е изгледно во моментов, само 48 часа откако беше објавено, најзаслужни сигурно ќе бидат англиските фудбалски фанови, но и нивните фудбалери и менаџери, кои први кренаа глас против елитното натпреварување.
Додека Пеп Гвардиола и Јирген Клоп јавно зборуваа против идејата за затворено натпреварување во кое се влегува само со името на клубот, во Италија, Андреа Пирло и Стефано Пиоли на денешните прес-конференции имаа поинаква приказна пред мечевите во среда.
Тренерот на Јувентус, Андреа Пирло откри дека Андреа Ањели им зборувал за Суперлигата без да „оди во детали“, и инсистираше дека неговите фудбалери и тој се фокусирани на утрешниот меч и место во Лигата на шампионите. Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, пак, изјави дека сега не е вистинско време да се зборува за Суперлигата и воопшто не ја спомена Лигата на шампиони. Тренерот на Интер, Антонио Конте, воопшто не оддржа прес-конференција пред гостувањето кај Специја.
Во Шпанија пак, тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан одби да коментира за Суперлигата, велејќи дека има свое мислење, но дека тоа во моментов не е важно.