Загребски Динамо утревечер од 21 часот му гостува на Вилјареал во реванш-четвртфиналето од Лига Европа. Шампионот на Хрватска оди во Шпанија со негатива од 1-0 од првиот дуел одигран на „Максимир“.
Сепак стратегот на „жолтата подморница“, Унаи Емери вели дека Динамо е опасна екипа.
„Овој меч ни е предизвик затоа што Динамо во групната фаза од ЛЕ не загуби ниту еден дуел нагости. Знаат да напаѓаат од противудар, со комбинаторика, преку крилата, а опасни се и во средниот ред кој е предводен од Адеми. Го почитувам Динамо“ вели Емери.
Иако Вилјареал се уште нема пораз сезонава во ЛЕ, во неделата дома загуби од Осасуна со 2-1 во рамки на Ла Лига.
Емери кој ја освојуваше Лига Европа со Севилја во 2014 и 2016 година напоменува дека „Динамо е мешавина од млади талентирани играчи и искусни репрезентативци кои се способни да ги надополнат оние 1-0 од првиот меч“.