Жоржињо: Италија е мојата татковина, тешко беше да се живее со 20 евра неделно

Жоржињо: Италија е мојата татковина, тешко беше да се живее со 20 евра неделно

пред 3 години

Жоржињо вели дека „никогаш нема да заборави што Италија направи“ за него кога му било најпотребно и откри дека бил блиску до откажување од фудбалот кога живеел со 20 евра неделно.

Фудбалерот од средниот ред на Челси веќе ја освои наградата на УЕФА за најдобар фудбалер минатата сезона и е прв фаворит за освојување на „Златната топка“. Иако е роден во Бразил, 29-годишниот Жоржињо реши да игра за Италија бидејќи неговиот прадедо бил Италијанец.

„Посебно е да се игра за Италија и не беше тешко да се избере. Бразил никогаш не ми даде шанса да го исполнам мојот сон, додека Италија ме избра иако сум роден во друга земја. Тоа не беше мала работа. Исто така мојот прадедо беше Италијанец и јас се чувствувам како Италијанец бидејќи повеќе од половина од животот го поминав тука. Секој ден повеќе ја сакам својата земја и никогаш нема да заборавам дека кога ми беше потребно, Италија ми помогна и затоа не можев да свртам грб“, вели Жоржињо во колумна за „Плејерс трибјун“.

Жоржињо пристигна во Хелас Верона кога имаше 15 години и открива дека живеел на 20 евра неделно и дека за малку ќе се откажел од фудбалскиот сон.

„Тоа беше осамен живот. Поминав година и пол така, живеејќи од фудбалот. Кога имав 17 години, почнав да тренирам со професионалците во Верона и се искарав со агентот. Не сакам да зборувам многу за тоа, но беше навистина лошо. Страдав две години во валкан фудбалски камп во Бразил. Поминав 18 месеци живеејќи на 20 евра неделно, и тогаш дојде тоа. Се јавив на мајка ми во солзи и кажав дека сум готов и дека се враќам дома. Во умот бев повторно во Имбитуба. Таа ми кажа: ‘Вратата ќе ти биде затворена. Не се враќаш дома’. Можете да замислите вашата мајка да ви го каже тоа? Го повикав татко ми, а бидејќи беа разделени мислев дека ќе живеам со него. Но и тој ми кажа дека вратата е затворена. Тогаш двајцата се собраа и ми се јавија. Ми кажаа: ‘Тренираш со професионалците и сега ќе се откажуваш? По работите кои ги помина. Нема смисла. Оди по својот сон’. Мојата постара сестра ми кажа дека кога мајка ми престанала со разговорот, не можела да престане да плаче“, објаснува Жоржињо.

Share
Scroll to Top