Започна судењето на некогаш најмоќните луѓе во фудбалот

Започна судењето на некогаш најмоќните луѓе во фудбалот

пред 2 години

Судењето на поранешниот лидер на УЕФА, Мишел Платини и поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, на кои им се суди за сомнителни исплати доделени на Платини во 2011 година, започна во средата во Швајцарија.

Двајцата поранешни лидери на европскиот и светскиот фудбал се појавија пред Сојузниот кривичен суд во Белинцона, а пресудата за случајот кој им ги уништи кариерите треба да биде изречена на 8.јули.

Французинот Платини (66) и Швајцарецот Блатер (86) се соочуваат со затворска казна до пет години за „измама, недолично однесување, злоупотреба на службената положба и корупција“.

Тие се обвинети дека незаконски, на штета на ФИФА, стекнале два милиони швајцарски франци (1,8 милиони евра). Платини оваа сума ги добил според договорот меѓу нив двајца од 1999 година, со кој на Французинот, ФИФА му плаќала годишен надоместок од 300.000 швајцарски франци за советодавни услуги.

Во јануари 2011 година, повеќе од осум години по завршувањето на неговите советодавни активности, Блатер и ФИФА му исплатиле на Платини два милиони швајцарски франци врз основа на наводните заостанати долгови.

За обвинителството ова е неоправдана исплата, добиена со вешто доведување во заблуда на внатрешната контрола на ФИФА со лажни тврдења на двајцата лидери.

Share
Scroll to Top