Зимските олимписки игри  отворени со свечена церемонија во Милано

Зимските олимписки игри отворени со свечена церемонија во Милано

пред 2 часа

Вечерва на стадионот „Сан Сиро“ во Милано започна свечната церемонија на отворањето на 25-тите Зимски олимписки игри наречена „Хармонија“.

На Олимписките игри во Милано и Кортина д’Ампецо, кои ќе траат до 22 февруари, ќе учествуваат 2.871 спортисти од 92 олимписки комитети.

За време на церемонијата, планирани се специјални музички изведби на американската пејачка Мараја Кери, како и италијанските уметници Лаура Паузини и Андреа Бочели.

На самиот крај од церемонијата, ќе бидат запалени два олимписки пламени – едниот ќе биде во Милано, во близина на Арко дела Паче, еден од најпрепознатливите симболи на градот, а другиот во Кортина д’Ампецо, на плоштадот Пјаца Дибона, центарот на познатиот планински град.

Спортистите ќе се натпреваруваат за медали во 116 натпревари во 16 дисциплини.

Ова ќе бидат третите Зимски олимписки игри и четвртите Олимписки игри што се одржуваат во Италија, додека Кортина д’Ампецо веќе беше домаќин на Зимските олимписки игри во 1956 година.

Овогодинешните ЗОИ ќе бидат први во историјата што официјално ќе бидат организирани во два града – Милано и Кортина д’Ампецо.

Милано ќе биде домаќин на натпревари во спортови во затворен простор и на мраз, додека други натпревари ќе се одржат во спортски кластери околу Кортина, како и во долините на Валтелина и Фијема.

За прв пат, скијачкото планинарење ќе биде вклучено во Олимписката програма, а ова ќе бидат и првите Игри што ќе се одржат за време на мандатот на новата претседателка на Меѓународниот олимписки комитет, Кирсти Ковентри.

Олимписките комитети на Русија и Белорусија се суспендирани поради кршење на Олимпиското примирје поради руската инвазија на Украина во 2022 година.

Како и на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, спортистите од Русија и Белорусија ќе можат да учествуваат во индивидуални спортови како „индивидуални неутрални спортисти“ во Милано и Кортина.

Се очекува Бенин, Гвинеја-Бисао и Обединетите Арапски Емирати да го имаат својот прв настап на Зимските олимписки игри.

Најголемата делегација на Олимписките игри во 2026 година е делегацијата на Соединетите Американски Држави, која има 233 спортисти, по што следуваат Италија со 196, Германија со 189, Швајцарија со 175 и Франција со 162 учесници.

Церемонијата на затворање на Зимските олимписки игри ќе се одржи на 22 февруари во „Верона Арена“, под името „Убавина во движење“.

Покрај културно-уметничката програма, церемонијата ќе вклучува завршни говори и официјално предавање на знамето на домаќинот на Француските Алпи, кои ќе бидат домаќини на Зимските олимписки игри во 2030 година.

На италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони ќе им се придружат околу педесет крунисани личности, шефови на држави и влади, заедно со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, на церемонијата на отворање на Зимските олимписки игри во Милано, објави Анса.

Францускиот претседател Емануел Макрон нема да биде присутен, а како причина ги наведе претходно закажаните обврски, негирајќи дека нема да присуствува за да не седи до потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, и наведувајќи дека станува збор за „лажни вести“, објави агенцијата.

На церемонијата му претходеше прием во Кралската палата организиран од претседателот Серџо Матарела за шефовите на држави и влади кои ќе присуствуваат на отворањето на Олимписките игри.

Претходно, премиерот Ѓорѓа Мелони се сретна со американскиот потпретседател Венс во Милано, заедно со државниот секретар Рубио и министерот за надворешни работи Тајани.

Фото: ЕПА

Share
Scroll to Top