Црвена звезда се засили со најдобриот играч на Будуќност од Подгорица Никола Ивановиќ. Покрај Ивановиќ, актуелниот шампион во АБА лигата, го врати во тимот и поранешниот капитен Лука Митровиќ, кој минатата сезона му беше соиграч на Ивановиќ во Подгорица.
Никола Ивановиќ, еден од најзаслужните за единствената титула на Будуќност во АБА лигата, во сезоната 2017/2018, како слободен играч се пресели во Белград. Црвена звезда не ги откри деталите од двегодишниот договор, но според медиумите, Ивановиќ добил понудата која не се одбива.
Заминувањето на Ивановиќ во редовите на најголемиот ривал во АБА лигата, предизвика лавина од негативни реакции и коментари кај навивачите на Будуќност.
Во центарот на Подгорица, навивачите на Будуќност, со боја го прекриле муралот кој во чест на Ивановиќ беше насликан во 2018 година, кога клубот ја освои АБА лигата.