Иниеста си купи клуб во Данска

Иниеста си купи клуб во Данска

пред 19 часа

Поранешниот фудбалер на Барселона, Андрес Иниеста денеска изјави дека тој и неговата компанија „Никогаш не вели никогаш“ станале сопственици на данскиот фудбалски клуб Хелсингер.

Иниеста за дневниот весник „Хелсингер“ и за данскиот телевизиски канал „ТВ 2“, изјави дека тој и неговата компанија го купиле најголемиот дел од акциите на данскиот клуб во соработка со швајцарската компанија „Стоневег“.

„Почнавме да работиме со Хелсингер бидејќи тоа е неверојатно возбудлив клуб со навистина добри капацитети, многу добри луѓе во и околу клубот и потенцијал да станеме важен дел од данскиот фудбал“, изјави Иниеста.

Директорот на Хелсингер, Бо Бај Хугор, за данскиот портал „Болд“ во септември изјави дека се надева дека Иниеста ќе го купи клубот, откако неговата компанија им давала консултански услуги минатото лето.

Хугор ќе продолжи да ја извршува функцијата генерален директор на клубот, а Иниеста и директорот на Стоневег, Жауме Сабате се очекува да бидат присутни на натпреварот на Хелсингер против Ишој ИФ во втората лига на Данска во петок.

Клубот не објави ништо за продажбата.

„Никогаш не вели никогаш (Never Say Never)“ е шпанска компанија која меѓу другото се занимава со комуникации, маркетинг и консалтинг, а во основањето помогна и Иниеста, кој стана активен дел од компанијата откако ја заврши својата кариера минатиот месец.

Фудбалскиот клуб Хелсингер, кој е основан во 2005 година, е седми на табелата во втората лига на Данска со 19 бодови.

Иниеста (40) со Барселона, за која одигра 674 натпревари и постигна 57 гола, четири пати ја освои Лигата на шампионите (2006, 2009, 2011, 2015 година), додека со шпанската репрезентација освои две европски првенства (2008, 2012) и Светското првенство во 2010 година.

Share
Scroll to Top