Италијанците и Јамајчанките владеат со спринтот во Токио!

Италијанците и Јамајчанките владеат со спринтот во Токио!

пред 3 години

Откако Марсел Ламонт Џејкобс го шокираше светот со олимписката титула на 100 метри, денеска го предводеше италијанскиот квартет до неверојатно злато и во штафетата 4х100 метри, победувајќи ги Британците и Канаѓаните.

Без стандардните фаворити, Американците, кои не успеаја да влезат во финалето, беше отворена борбата за титулата, и до неа во драматичен финиш стигнаа Лоренцо Пата, Џејкобс, Фостине Десталу и Филипо Торту за влакно беа подобри од Британците, поставувајќи национален рекорд од 37.50. Британците заостанаа само една стотинка, додека Канаѓаните завршија бронзени со 37.70, победувајќи ги Јамајчаните за една стотинка за медалот.

Кај дамите, Илејн Томпсон-Хера по историското злато на 100 и 200 метри, ја предводеше јамајчанската штафета до злато на 4х100 метри. Заедно со Брајана Вилијамс, Шерика Џексон и ветеранката Шели-Ен Фрејзер-Прајс, Јамајка постави национален рекорд од 41.02, за злато пред Американките (41.45) и Британките (41.88).

Share
Scroll to Top