Единсон Кавани планира да си замине од Манчестер јунајтед на крајот на сезоната и да се врати во Јужна Америка, за да го оствари сонот да заигра за Бока јуниорс, тврди аргентинскиот „Оле“.
Кавани има едногодишен договор со „ѓаволите“ по трансферот во октомври откако му заврши договорот со Пари Сен-Жермен, но има опција да го продолжи договорот на уште 12 месеци, нешто што менаџерот Оле Гунар Солскјер го најави неколку пати.
Според „Оле“, Уругваецот претходно му ветил на претседателот на Бока, легендарниот Хуан Роман Рикелме дека ќе дојде во клубот, но само доколку тие донесат засилувања за да се борат за титулата од Копа Либертадорес.
Кавани одигра 25 меча за Јунајтед (од кои на само 11 беше стартер) и постигна 7 гола, а во Манчестер заработува 210.000 фунти неделно и во Аргентина би добил огромно намалување на платата – сумата која ја заработува во Премиер лигата е тројно поголема од таа која би ја добивал во Аргентина.