Фудбалскиот сојуз на Јужна Кореја (КФА) објави дека Јирген Клинсман (59) повеќе не е селектор на националниот тим.
Клинсман доби отказ откако минатата недела репрезентацијата беше елиминирана во полуфиналето на Азискиот куп.
„Ставот и конкурентноста на Клинсман како тренер не ги исполнија очекувањата. Затоа, решивме да го смениме правецот пред квалификациските натпревари за Светското првенство во 2026 година“, рече претседателот на асоцијацијата Чунг Монг-гју на прес-конференција. Клинсман помалку од една година беше селектор на Јужна Кореја.
По оставката, Германецот во порака на социјалните мрежи објави дека неговата мисија во Јужна Кореја била „неверојатно патување“ и им се заблагодари на своите играчи.
Јужна Кореја, еден од фаворитите на Азискиот куп, во полуфиналето беше елиминирана од Јордан (2:0).
Договорот на Клинсман со јужнокорејската федерација беше со важност до летото 2026 година. Според податоците на „Трансфермаркт“, тој ја водеше репрезентацијата на 17 натпревари, во просек по натпревар освоил 1,88 поени.