Конечно, поднова за Јунајтед – Тајрел Маласија е првото засилување за Ерик Тен Хаг

Конечно, поднова за Јунајтед – Тајрел Маласија е првото засилување за Ерик Тен Хаг

пред 2 години

Манчестер јунајтед, конечно, го комплетираа првиот трансфер во ерата на новиот менаџер Ерик Тен Хаг, откако холандскиот лев бек Тајрел Маласија пристигна од Феенорд, и веднаш треба да биде ривал на Лук Шо за стартното место на „ѓаволите“.

22-годишниот Маласија беше блиску до потпис со Лион, пред Јунајтед да се договорат со Феенорд и да платат 13 милиони фунти за Холанѓанецот, давајќи му четиригодишен договор со опција за уште една сезона. Маласија го импресионираше Тен Хаг како противник на неговиот поранешен клуб Ајакс, откако произлезе од младинската академија на клубот од Ротердам уште во 2008 година. Тој има пет настапи за сениорската холанска репрезентација.

Се очекува Маласија да биде само првото засилување од петте предвидени од Тен Хаг во летниот преоден рок. Средниот ред претставува главен проблем за Тен Хаг и во клубот се оптимисти дека, конечно, ќе го решат тоа со носењето на Френки де Јонг од Барселона, а Кристијан Ериксен би требало да пристигне како слободен играч по шестмесечниот оговор со Брентфорд.

Други фудбалери кои се поврзуваат со Јунајтед се двојката на Ајакс, Антони и Лисандро Мартинез, како и десниот бек на Интер, Дензел Дамфрис, а Даниел Бахман од Вотфорд би пристигнал како замена на позицијата голман, откако Дин Хендерсон ќе замине во Нотингем.

Друг проблем за Тен Хаг е желбата на Кристијано Роналдо да замине од клубот, откако Јунајтед претходно се прости од Пол Погба, Немања Матиќ, Хуан Мата, Единсон Кавани и Џеси Лингард.

Share
Scroll to Top