Лекип: Мбапе повеќе нема да биде капитен на Франција

Лекип: Мбапе повеќе нема да биде капитен на Франција

пред 15 часа

Килијан Мбапе (25) не беше дел од француската репрезентација за натпреварите со Израел и Белгија одиграни во октомври во Лигата на нации. Објаснувањето тогаш беше дека тој останал во клубот за да санира повредата на мускулот на левата нога. Сепак, одличниот напаѓач ниту во ноември не беше дел од тимот на Дидие Дешам за средбите со Израел и Италија.

Дешам имаше објаснување зошто Мбапе не е со репрезентацијата: „Зборував со Килијан и донесов одлука. Подобро е вака… Мбапе сакаше да дојде“, изјави Дешам на прес-конференцијата, но не спомена дали се работи за повреда на напаѓачот на Реал.

Во отсуство на Мбапе на изминатите натпревари капитенската лента ја носеа играчот од средниот ред на Ал-Итихад, Н’Голо Канте (33), играчот од средниот ред на Реал, Аурелиен Чуамени (24) и дефанзивецот на Ливерпул, Ибрахима Конате (25).

„Лекип“ пишува дека можно е Мбапе повеќе да не биде капите на Франција. Според овој извор, Дешам ќе разговара со Мбапе дали капитенската летна е преголем товар за него и дека во штабот на француската репрезентација биле импресионирани од лидерството што го покажал Конате. Затоа, тој изгледа како веројатен наследник на Мбапе.

Францускиот новинар Ромен Молина, кого на социјалната мрежа „X“ го следат 550.000 луѓе и кој пишуваше за Гардијан, Би-Би-Си и Си-Ен-Ен, на почетокот на ноември тврдеше дека Мбапе не сака да игра за Франција додека Дешам е селектор поради наводни меѓусебни несогласувања.

Дешам изјави дека одлуката да не се повика Мбапе за натпреварите во ноември е единствена за тој момент и нагласи дека нема дополнителни проблеми. Сепак, неименувани извори за „Лекип“, велат дека тоа е „неточна или нецелосна верзија на вистината“ и дека „ситуацијата е посложена од тоа“.

„Погрешно е да се убедуваат луѓето дека тоа е одлука на селекторот. Најважно е Мбапе повторно да ја најде среќата играјќи фудбал. Останатото ќе дојде“, изјави изворот за француските медиуми.

Изјавата на Дешам по мечот на Франција со Израел покажува дека ситуацијата не е толку едноставна како што тој првично рече. Тој истакна дека Мбапе не е санкциониран и додаде: „Факт е дека се наоѓа во комплицирана ситуација. Стојам зад него. Тој минува низ период од неговата кариера и јасно е дека не е најсреќен. Повторувам, сакаше да дојде , но мислам дека ова е подобро за него.

Секој има право да помине низ комплициран период, вклучени се физички и психолошки аспекти. Дали зборувавме или не, има различни толкувања. Внимателно го одмерувам она што го кажувам, не сакам да поттикнувам расправии кои не водат никаде“.

Мбапе играше за Монако и ПСЖ пред да дојде во Реал ова лето, по завршувањето на договорот со парижаните. Во кариерата постигна околу 300 гола, а на 25 години веќе собра 86 настапи и 48 гола за француската репрезентација.

Share
Scroll to Top