Ливерпул ги одби напорите на Барселона да започне преговори за трансферот на Луис Дијаз. Од „Енфилд“ на Каталонците им порачаа дека „Лучо не е на продажба“.
Колумбиецот пристигна во Ливерпул од Порто во јануари 2022 година и има договор до крајот на јуни 2027 година.
Оваа сезона тој постигна 13 гола со седум асистенции на патот до освојување на титулата во Премиер лигата.
„Многу сум среќен во Ливерпул, секогаш го велев тоа. Имав убаво добредојде таму“, им рече Дијаз на новинарите пред натпреварите на неговата репрезентација против Перу и Аргентина.
„Трансфер периодот започнува и се обидуваме да го направиме она што е најдобро за нас. Чекам да видам што ќе се случи. Ако Ливерпул ми понуди продолжување на договорот, ќе бидам среќен. Но, ќе бидам и среќен ако останам до крајот на договорот што го имам сега. Од нив зависи, ќе видиме, јас ќе одлучам што е најдобро“, рече Дијаз.
Шпекулациите за заминувањето на Дијаз се појавија откако тој и неговата девојка објавија долги пораки до навивачите на социјалните мрежи, кои некои ги протолкуваа како збогување со клубот.
Ливерпул ги продолжи договорите на Мохамед Салах и Вирџил ван Дајк во текот на сезоната, трансферот на Георги Мамардашвили беше обезбеден минатата година, а Џереми Фримпонг пристигна ова лето.
Се шпекулира дека наскоро ќе бидат официјализирани пристигнувањата на Флоријан Вирц и Милош Керкез, како и заминувањето на Дарвин Нуњез. Веќе е познато дека Трент Александар-Арнолд и Кимин Келехер заминаа од клубот.