Марка: Меси ќе остане во Барселона

Марка: Меси ќе остане во Барселона

пред 4 години

Лионел Меси се уште не донел одлука дали ќе остане во Барселона, по завршувањето на сезоната. Најдобриот играч и стрелец на Барселона, веројатно го чека епилогот од претседателските избори, пред да ја донесе конечната одлука. Поврзано со ова, најчитаниот шпански спортски весник, „Марка“, тврди дека Аргентинецот ќе остане во клубот.

Меси, кој во летниот преоден рок побара, но не доби дозвола за трансфер, наводно го сменил мислењето во моментот кога Џозеп Марија Бартомеу ја напушти претседателската функција.

„Нашите извори од Барселона не уверуваат дека најреална е опцијата Меси да остане во клубот. Лео бил блиску да донесе таква одлука. Луѓе блиски до Меси ни рекоа дека до пред неколку месеци неговото заминување беше извесно, но сега ситуацијата радикално се сменила“, пишува „Марка“.

Изминатите месеци, француските медиуми го поврзуваа со трансфер во ПСЖ, додека некои други тврдеа дека тој ќе замине кај својот поранешен тренер Пеп Гвардиола во Манчестер сити.

„Меси им се налутил на челниците на ПСЖ, кои јавно говорат дека ќе го донесат во Париз. Причина за ова е што тој никогаш не бил во контакт со ПСЖ, а воедно ги одбил и сите менаџери кои носеле понуди од други клубови. Исто така неговиот татко Хорхе, кој е задолжен за неговата кариера, веќе долго време е во Аргентина и нема никаков контакт со други клубови“.

Сепак за да ја донесе конечната одлука, Меси најпрво ќе мора да разговара со новиот претседател, кој ќе треба да му ги изложи плановите за развојот на клубот.

„Новиот претседател ќе мора да му ај презентира својата визија. Меси инсистира на засилувања. Прво засилување може да биде неговиот сонародник Кун Агуеро, а тука е и Жоржињо Вајналдум. Двајцата се достапни бидејќи во јуни ќе бидат слободни играчи. Барселона ги сака и Халанд, Де Лихт и Кунде, но за нивните трансфери треба да се издвојат многу пари, а Барселона пари нема“, пишува во текстот на „Марка“.

Share
Scroll to Top