Калчолигашот Милан пропушти одлична можност на едно коло пред крајот да ги реши дилемите околу патот кон Лигата на шампионите во идната сезона. „Росонерите“ одиграа 0-0 на „Сан Сиро“ против тимот на Каљари кој без големи амбиции дојде во Милано.
Избраниците на Стефано Пиоли беа без идеја во нападот, а гостите од Сардинија не успеаја да ги однесат сите три бода благодарение на неколкуте одлични интервенции на Донарума.
Ребиќ и Леао беа анемични во нападот на Милан, а Кастилјехо во вториот дел беше најголемата закана за противничкиот гол.
И со овој еден бод Милан изби на третата позиција на табелата со 76 поени, исто колку што има на четвртата позиција и Наполи, но „црвено-црните“ имаат подобар меѓусебен скор сезонава.
На петтата позиција останува Јувентус кој има 75 бода, но Милан и од „Старата дама“ има подобар меѓусебен скор.