Митјиланд, клуб со газда „коцкар“ и со амбиции за „производство“ на врвни фудбалери

Митјиланд, клуб со газда „коцкар“ и со амбиции за „производство“ на врвни фудбалери

пред 3 години

Данскиот клуб Митјиланд не може да се пофали со традиција, бидејќи е основан само во 1999 година, но затоа може да се пофали со амбициозен план за создавање на фудбалска школа по примерот на „Ла масија“ на Барса, со план до 2030 да „произведат“ фудбалер кој ќе ја освои „Златната топка“.

Трикратните дански шампиони оваа сезона дебитираа во Лигата на шампионите, каде што завршија на последното место во групата Д, но остварија и домашни ремија со Ливерпул и Аталанта. Фокусот, сепак, не е на сегашните резултати, туку на иднината. Тие сакаат да го повторат успехот на „Ла масија“ на Барса, која во 2010 ги имаше тројцата финалисти во изборот на „Златната топка“.

Затоа минатата година ја отворија својата школа „Гулдминен“ (Рудник за злато), каде што примија 75 студенти со цел да развиваат фудбалери по примерот на Ајакс, Бенфика и Салцбург, клубови кои немаат финансиска можност да ги заддржат ѕвездите.

„Целта е да се освои ‘Златната топка’. Митјиланд е клуб кој често цели кон ѕвездите, и ‘Златната топка’ е нашата цел. Не се обидуваме само да направиме добри фудбалери, туку најдобри на светот. Се надевам дека нашите фудбалери ќе станат големи пред да ги продадеме во големите клубови“, вели Бјорн Холм, претседателот на „Гулдминен“.

Митјиланд е клуб формиран пред 21 година со спојување на два ривалски клубови, Икаст и Хернинг Фремад, и е еден од предводниците во користењето на анализа на податоци во изборот на фудбалери и насока во која се движи клубот. Досега, нивната главна тактика беше да донесат во клубот потценети играчи, да го подобрат нивниот талент и да ги продадат со голем профит, правејќи анализи за малите подобрувања.

Главен акционер во клубот е Англичанецот Метју Бенам, кој исто така е претседател на англискиот второлигаш Брентфорд и кој е познат како поранешен професионален обложувач и фудбалски аналитичар.

Данскиот клуб има и почитувачи во другите европски клубови – Јирген Клоп во 2018 година успеа да го ангажира нивниот тренер Томас Гронемарк, кој имаше само една задача – да ги тренира фудбалерите за поуспешно изведување на аути.

Досега најголем „продукт“ на нивната школа е бекот на Милан и дански капитен, Симон Кјер, а други фудбалери кои почнале во Митјиланд се и Расмус Кристенсен од РБ Салцбург и Андреас Поулсен од Борусија Менхенгладбах.

Share
Scroll to Top