Фудбалерите на Елче ја прекинаа серијата лоши резултати во Примера, славејќи во директна борба за опстанок на домашен терен против Мајорка со 2:1 во 29-то коло. Трагичар во дербито за опстанок е напаѓачот на Мајорка, Ведат Муричи, кој промаши пенал во 92-та минута.
Се до 62-та минута натпреварот се одвиваше идеално за Мајрока. Од 58-та минута гостите во Аликанте водеа со голот на пабло Торе. Радоста на гостите траеше само четири минути кога Рафа Мир, со навремена реакција во шеснаесетникот на противникот, му донесе израмнување на Елче.
Елче го комплетираше пресвртот во 71-та минута кога Тете Моренте направи брилијантен скок на подалечната статива по центаршут од левата страна, а голманот на Мајрока беше немоќен да ја запре топката на патот кон мрежата.
Токму кога изгледаше дека бодовите ќе останат во Аликанте, Мајорка доби пенал во 90-тата минута и шанса за израмнување бидејќи Педро Бигас играше со рака пред својот гол, а ВАРсистемот го потврди тоа.
Муричи ја зеде топката и шутираше високо над голот во 92-та минута.
Со оваа победа, Елче избега за бод од денешниот ривал и се проби во безбедната зона, додека Мајорка падна на позицијата која води во Сегунда следната сезона.
Foto/ EPA






