Жозе Мурињо имаше интересен „удар“ кон Арсенал пред дербито на северен Лондон со Тотенхем во недела, велејќи дека не погледнува надолу на премиерлигашката табела.
Тотенхем гостуваат на „Емирати“ три места и седум поени пред своите лути ривали и Мурињо има намера да ја заддржи и зголеми таа разлика во обид да обезбедат топ 4 пласман и Лига на шампиони.
„Јас гледам нагоре, не надолу. Да беа Арсенал седум поени пред нас ќе ги гледав, но бидејќи имаме седум поени повеќе од нив, не гледам надолу. Исто е дали следниот меч ни е Арсенал или Вила или Њукасл, исто чувство. Сметаме дека сме подобар тим од тоа што го покажува табелата и сакаме да освојуваме поени за да го докажеме тоа. Не е важно што е дерби, се работи за премиерлигашки меч, три поени и борба за место“, вели Мурињо.
Поранешниот менаџер на Челси и Манчестер јунајтед има добар скор против Арсенал – во вкупно 22 мечеви неговите тимови имале 12 победи и само 2 порази.