Ливерпул продолжува со лоши игри оваа сезона и во Лигата на шампионите. Тимот на Јирген Клоп загуби убедливо (4:1) на гости кај Елиф Елмас и друштвото во првиот меч од елитното европско натпреварување. Виктор Осимен дури и не реализира пенал, но „наполитанците“ ја наполнија мрежата на Алисон Бекер.
Зиелински отвори со гол од пенал во петтата минута, а потоа му асистираше на Ангуиса за водство од 2:0. До крајот на првиот дел погоди и Џовани Симеоне. Во вториот дел, Зиелински уште еднаш се запиша во листата на стрелците, а Луис Дијаз го постигна единствениот гол за Ливерпул.
Елиф Елмас доби шанса во 74.минута на местото на двојниот стрелец Зиелински.
Баерн Минхен беше надмоќен против Интер во Милано и славеше со 0:2. Најдобар поединец кај италијанскиот тим беше голманот Андре Онана, а двоен стрелец за Баерн беше Лирој Сане. При вториот гол, имаше голема помош и од Данило Д’Амбросио.
Барселона на „Камп Ноу“ го декласира Плзен со 5:1. Хет – трик постигна Роберт Левандовски, серијата голови ја отвори Франк Кеси, а ја затвори Феран Торес. Голот за Плзен беше дело на Јан Сикора.
Тотенхем го победи Олимпик Марсеј во Лондон со 2:0. Мбемба доби црвен картон на почетокот на вториот дел, а тоа го искористи Ришарлисон и со два гола во 76. и во 81.минута донесе триумф.
Клуб Бриж го доби дуелот со Баер Леверкузен со 1:0, со голот на Абакар Сила.
Марио Хермосо му донесе водство на Атлетико Мадрид против Порто во 93. минута, Матеус Урибе израмни од пенал во 97.минута, а Атлетико Мадрид сепак победи со 2:1. Антоан Гризман погоди во 101.минута од дуелот.