Ништо од одмаздата на Мбапе! Баерн со нова победа го елиминираше ПСЖ

Ништо од одмаздата на Мбапе! Баерн со нова победа го елиминираше ПСЖ

пред 2 години

Големите инвестиции и големите ѕвезди повторно нема да му донесат европска слава на Пари Сен-Жермен, откако францускиот клуб повторно капитулираше во осминафиналето на Лигата на шампионите, губејќи на „Алијанц арената“ со 2:0 од Баерн Минхен.

Заедно со домашниот 0:1 пораз, Париз на крајот загуби со комбинирани 0:3. Иронично за ПСЖ, двата од трите гола за Баерн ги постигнаа нивни поранешни играчи – Кингсли Коман во првиот меч, и Ерик-Максим Чупо-Мотинг вечерва во Минхен. Со елиминацијата, повторно се отвара „вечната“ тема во Париз – дали тренерот Кристоф Галтие ќе добие отказ и дали елиминацијата ќе биде „капак“ на бурните односи со првата ѕвезда Килијан Мбапе и тој летово ќе реши да замине од „Паркот на принцовите“. Француските медиуми ќе имаат теми за пишување во следните денови и недели.

ПСЖ се наоаѓаше пред тежок предизвик, да се победи моќниот Баерн во нивниот дом, и во првото полувреме двете екипи беа релативно израмнети, со повнимателна игра и малку вистински шанси. Најдобрата ја имаа гостите, кога во 36. минута од мечот, по бизарната грешка на голманот Матијас Зомер, обидот на Витиња беше изваден од гол-линијата од Матијс де Лихт.

Во второто полувреме, Баерн постигнаа гол веќе во 52. минута преку Чупо-Мотинг, но тој беше поништен поради минимален офсајд. Девет минути подоцна, немаше сомнежи дека голот на Чупо-Мотинг по одличното проигрување од Леон Горецка ќе биде признаен, за голема предност во вака израмнет меч. ПСЖ до крајот на мечот се обиде да направи сензационален камбек, пред замената Серж Гнабри по еден брз контранапад во 90. минута да го запечати триумфот и да ги прати гостите дома со пораз и елиминација.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Share
Scroll to Top