„Нуклеарна бомба за фудбалот“ – Инфантино го продава Мундијалот

„Нуклеарна бомба за фудбалот“ – Инфантино го продава Мундијалот

пред 2 часа

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, наводно размислува за продажба на акции од Светското првенство на приватни инвеститори, објавува „Фајненшл тајмс“.

Оваа идеја и нејзината потенцијална имплементација веќе се опишани од спортските инсајдери како вистински „нуклеарен удар“ врз фудбалскиот свет. Според истиот извор, ФИФА планира да основа нова компанија која би ја презела контролата врз организацијата и комерцијалните права на Светското првенство.

Се вели и дека прелиминарните договори за условите веќе се потпишани, а се проценува дека целиот договор би вредел околу 15 милијарди фунти (или близу 20 милијарди долари).

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп наводно била вклучена во тајните планови, додека финансиската структура и управувањето со целиот процес го води банкарскиот гигант „Џеј Пи Морган“.

Според предложениот модел, по истекот на неговиот сегашен мандат на чело на ФИФА во 2031 година, Инфантино би ја презел позицијата комесар на тој нов комерцијален субјект. На таа улога, според изворот, тој би заработил повеќемилионски суми.

Во рамките на ФИФА веќе се воделе дискусии за распределбата на сопственоста.

Идејата е 211-те асоцијации-членки да добијат одредени удели, ФИФА да задржи мнозински удел, додека на приватните инвеститори ќе им се даде можност да купат малцински удели во вредност од милијарди фунти.

Овие планови наидоа на жесток отпор од светските фудбалски лидери, кои се плашат од трајно нарушување на календарот на натпреварите.

Иако сè уште не е потпишан обврзувачки договор, се стравува дека приватниот капитал ќе бара понатамошно проширување на форматот или дури и одржување на Светското првенство почесто од секои четири години. Еден од неименуваните претставници на ФИФА изјави за „Тајмс“ дека ова би била „нуклеарна бомба“ за фудбалот.

Веста за продажбата на уделот доаѓа во услови на зголемен притисок врз Инфантино, кој неодамна објави долга порака од 15 страници на Инстаграм за да се одбрани од критиките. Во неа, меѓу другото, тој ги обвини своите противници за „ширење омраза и лажни гласини“ и дека „ја пропуштиле целата радост и заедништво“ од натпреварувањето.

Foto/ Depositphotos

Share
Scroll to Top