Окон победи на бизарната трка во Унгарија – хаос на стартот, тактичко самоубиство на Мерцедес

Окон победи на бизарната трка во Унгарија – хаос на стартот, тактичко самоубиство на Мерцедес

пред 3 години

Францускиот возач на Алпине (поранешните Рено Ф1), Естебан Окон е спектакуларен победник на бизарното, интересно и неочекувано Унгарско ГП на Хунгароринг, остварувајќи ја својата прва победа во кариерата пред двајца повеќекратни светски шампиони, Себастијан Фетел во Астон Мартин и актуелниот шампион Луис Хамилтон.

Иако вообичаено во Унгарија има трка во која освојувачот на пол-позицијата речиси секогаш победува, овојпат видовме старт на дожд и инциденти, рестарт со еден болид, импресивен камбек на Хамилтон за уште една одлична забава за Ф1 фановите.

Карлос Саинс во Ферари го освои четвртото место пред Фернандо Алонсо (Алпине) и Пјер Гасли (Алфа Таури), а во поени беа и Јуки Цунода (Алфа Таури), Николас Латифи (Вилијамс), Џорџ Расел (Вилијамс) и Макс Ферстапен, кој успеа да спаси еден поен во разочарувачки викенд за Ред бул.

Иако не успеа да стигне до речиси гарантираната 100. победа во кариерата, третото место на Хамилтон му носи враќање на лидерското место во генерален пласман со 192 поени, пред Ферстапен со 186 поени. Мерцедес исто така се лидери кај конструкторите со 301 поен, пред Ред бул со 290.

Нормалниот редослед на работите беше нарушен во првиот круг, кога по слабиот старт, Валтери Ботас ја загуби контролата на својот Мерцедес, се удри во Лендо Норис во Мекларен, кој потоа го собра и Макс Ферстапен, а во аут беа и Шарл Леклер во Ферари и Ленс Строл во Астон Мартин, а трката по еден круг зад безбедносно возило беше стопирана.

Болидот на Макс Ферстапен, кој имаше одличен старт, беше оштетен и беше јасно дека тој нема да може да се бори за висок пласман.

Петнаесетина минути подоцна, трката повторно беше рестартирана, и тогаш видовме нешто што досега го немало во формула 1 – сите освен лидерот Луис Хамилтон влегоа во боксот да ги сменат гумите за дожд, и возачот на Мерцедес сам беше на стартно-целната рамнина.

Ова беше клучната тактичка грешка за Мерцедес, бидејќи веќе во следниот круг го повикаа Хамилтон во боксот, и така тој ја пропушти шансата за победа, бидејќи беше последен. Самиот седумкратен шампион беше зачуден од одлуката и зачуден го праша тимот во боксот: „Дали сум последен?“.

До крајот на трката, Хамилтон во очигледно побрз болид успеа да стигне до место на подиумот, иако имаше доста проблеми да го помине Фернандо Алонсо, но првото место беше недостижно.

Share
Scroll to Top