Новозеланѓанецот Џозеф Паркер ги надмина проблемите на стартот на мечот за да го победи на поени Британецот Дерек Чизора, со што е на добар пат да добие нов меч за титулата во тешка категорија во 2022 година.
Паркер беше во нокдаун во првата рунда, пред да победи со 116:111, 115:113, 115:113 во „Манчестер арената“ во Англија. Пред мечот, Паркер беше треторангиран кај ВБО федерацијата и шесторангиран кај ВБЦ и ИБФ и со победата остана во игра за една од четирите титули кои се во рацете на англиските ривали Ентони Џошуа и Тајсон Фјури. Џошуа и Фјури уште не можат да се договорат за супермеч вова лето, така што можеби е реално Паркер да добие шанса против нив пред крајот на 2021.
„Тежок меч, морав да останам смирен и концентриран. Во вториот дел од мечот доминирав. Беше тесно, но победата е моја“, вели 29-годишниот Паркер (29-2, 21 КО).
37-годишниот Чизора (31-11, 23 КО), сега има три порази во последните шест меча и тврди дека не го загубил мечот.
„Мислам дека судиите не ме сакаат. Дури и навивачите на Паркер сметаа дека јас победив. Уште не одам во пензија“, изјави Чизора.