Пеп Гвардиола, десет години по своето последно финале од Лигата на шампионите, повторно ќе игра за најголемиот европски трофеј, откако Манчестер сити успеа да го елиминира Пари Сен-Жермен во битка на двата најбогати фудбалски клубови на светот.
„Ова е за сите нас и за клубот. Горд сум и првата мисла ми беше кон фудбалерите кои не играа денеска, бидејќи и тие го заслужија ова. Треба да ја освоиме лигата и за две три недели да се подготвиме за финалето. Игравме добро и победивме со 4:1 против тим кој ги имаше победено Барселона и Баерн Минхен, така што тоа значи многу. Тие ја освојуваат лигата секоја година, имаат тим граден за победи и се бореа до крај“, вели Гвардиола.
Тој посочува дека Лигата на шампиони е најтешкото натпреварување, но и дека ти е потребна среќа.
„Луѓето мислат дека е лесно да се стигне до финале на ЛШ. Ова е резултат на проектот од последните четири-пет години. Во првиот меч постигнавме среќен гол, а денеска Маркињос ја погоди пречката, така што секој детаљ е важен. Јунајтед победија еднаш бидејќи Џон Тери се лизна и во последната минута против Баерн Минхен, а Реал Мадрид ја освоија титулата во 93. минута против Атлетико. Ова е натпреварување кое е толку тешко и потребно ти е да ја имаш наклонеста на ѕвездите“, додава Гвардиола.