Погачар е најдобар во Словенија, Дончиќ на третото место

Погачар е најдобар во Словенија, Дончиќ на третото место

пред 1 час

Велосипедистот Тадеј Погачар и натпреварувачката во спортско качување Јана Гарнбрет беа прогласени за најдобри спортисти на Словенија во 2025 година.

Погачар и Гарнбрет ја освоија наградата на Друштвото на спортски новинари на Словенија по трет пат по ред, а свечената церемонија се одржа во „Цанкарјев дом“, во Љубљана.

Гарнбрет (26), двократна олимписка шампионка во комбинација, освои два златни медали на Светското првенство во Сеул оваа година, во дисциплините болдер и лид.

Второто место во конкуренција на најдобри спортистки на Словенија го освои скијачката скокачка Ника Превц, додека третото место ѝ припадна на атлетичарката Тина Шутеј, која настапува во скок со стап, објави Словенечката новинска агенција (СТА).

Погачар ја доби наградата за најдобар спортист благодарение на неговата четврта победа на престижната трка Тур де Франс, а успеа и да го одбрани златниот медал во друмско возење на Светското првенство во Кигали.

Второто место му припадна на скијачкиот скокач Домен Превац, а кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ, заврши на третото место.

Фудбалскиот клуб Целје беше избран за најдобар машки тим, кој оваа година стигна до историското четвртфинале на Конференциската лига, додека наградата во женска конкуренција ја освоија одбојкарките на Словенија, кои стигнаа до осминафиналето во својот прв настап на Светското првенство.

Машката екипа во скијачки скокови (Ловро Кос, Домен Превц, Анже Ланишек, Тими Зајц) беше избрана за најдобар поединечен тим на годината, кој ја одбрани титулата светски шампион во скијачки скокови во Трондхајм.

Foto/ depositphotos

Share
Scroll to Top