Последен дел во мозаикот на Обрадовиќ – Франциско во Панатинаикос

Последен дел во мозаикот на Обрадовиќ – Франциско во Панатинаикос

пред 4 часа

Панатинаикос го комплетираше едно од најголемите засилувања ова лето во Евролигата, откако се договори со Силвен Франциско, објави грчката СДНА.

Преговорите што траеја со месеци се успешно завршени, пишува споменатиот извор, а францускиот плејмејкер, кој беше прва желба на Жељко Обрадовиќ од самиот почеток, ќе го пополни последното празно место во составот на „зелените“.

Клучна улога во реализацијата на трансферот одиграа финансиските тешкотии на Асвел, кој не успеа да им ги обезбеди потребните финансиски гаранции на француските власти, што предизвика дополнителна неизвесност кај играчите.

Иако претседателот и тренер на Асвел, Тони Паркер, првично не сакаше да се откаже од Франциско, на крајот прифати обештетување од еден милион евра, па еден од најдобрите плејмејкери од минатата сезона во Евролигата ќе ја продолжи кариерата во Атина.

Францускиот репрезентативец потпиша тригодишен договор вреден повеќе од 3,5 милиони евра по сезона со „зелените“, пишуваат Грците, а Димитрис Јанакопулос целиот трансфер ќе го чини вкупно 11,5 милиони евра.

Според грчките медиуми, голема улога во неговата одлука одиграле неговите сонародници Матијас Лесор, Гершон Јабусуле и Мустафа Фал, кои го убедиле да се пресели во Атина.

Интересно е што Франциско се согласил и на финансиска концесија за да ја исполни својата желба да игра за Панатинаикос.

Наводно, тој имал договор во Асвел кој му гарантирал плата до пет милиони евра по сезона, но прифатил пониска плата за да соработува со Обрадовиќ и да стане дел од проектот на грчкиот гигант.

Панатинаикос ги обезбедил средствата за овој трансфер со продажба на Василис Толиопулос, кого го донесе од Арис минатата година за само 30.000 евра, како и со заминувањето на Џеди Осман, што отворило простор во буџетот за еден од најзначајните трансфери ова лето.

Со доаѓањето на Франциско, Панатинаикос практично го комплетираше тимот за новата сезона и дополнително ги зајакна своите амбиции во борбата за титулата европски шампион.

Foto/ EPA

Share
Scroll to Top