Пред една година почина Кралот на фудбалот

Пред една година почина Кралот на фудбалот

пред 11 месеци

На денешен ден пред една година, на 82-годишна возраст, почина легендарниот бразилски фудбалер Пеле. Едсон Арантес до Насименто, Пеле важи за еден од најголемите играчи на сите времиња. Со репрезентацијата на Бразил три пати беше светски првак, што не му успеало на ниту еден играч.

Првата титула ја освои во 1958 година, кога како 17-годишник го воодушеви светот и веднаш стана клучен играч на репрезентацијата. Втората титула ја освои четири години подоцна, а последната во 1970 година. Во својата кариера играше на клупски план за бразилски Сантос и американски Њујорк Космос.

Пеле денеска почива во позлатена гробница во Сантос, каде што беше погребан откако целиот фудбалски свет се прости од него со емотивни пораки. Иако секогаш е тешко да се усогласат спротивставените мислења во дебатите за најдобрите на сите времиња, тешко е да се негира дека Пеле не е највлијателниот фудбалер што некогаш играл.

Тој беше првата глобална суперѕвезда во историјата на најпопуларниот спорт, а уште како момче почна да го гради митскиот статус. Поради Пеле бројот десет има посебен статус во фудбалот, откако во 1958 година ги полуде навивачите со тој број на грб.

Неговото значење во прошталната порака го објасни Нејмар, играчот кој го собори голгетерскиот рекорд на Пеле за бразилската репрезентација:

„Пред Пеле, 10-ката беше само бројка. Го прочитав тој израз некаде, во одреден момент од мојот живот. Но, таа реченица е убава и нецелосна. Би рекол дека пред Пеле фудбалот беше само спорт. Пеле промени сè. Го претвори фудбалот во уметност, во забава. Им даде глас на сиромашните, црнците. Фудбалот и Бразил го подигнаа својот статус благодарение на кралот! Го нема, но неговата магија ќе остане. Пеле е вечен! ”

Share
Scroll to Top