Ливерпул минува низ криза во каква што не бил од 2014 година. „Црвените“ се поразени на последните четири натпревари, три пати во Премиер лигата.
Критичарите сметаат дека главни виновници за лошите резултати на актуелниот шампион се Флоријан Вирц (платен 125 милиони евра) и најдобриот играч и стрелец Мохамед Салах.
Египќанецот е во очигледен пад на формата оваа сезона, па затоа се повеќе луѓе пишуваат за неговото заминување од Ливерпул.
Вејн Руни верува дека годините играње на врвно ниво си го направиле своето.
„Мислам дека Салах одигра премногу натпревари во последните неколку години, тој беше главен играч и беше под голем притисок. И сигурно беше меѓу најдобрите пет играчи во Премиер лигата во последните години. Долго играше во континуитет и сега тоа дојде на наплата. Не би ме изненадило ако замине во јануари или следното лето. Обожувам да го гледам, тој е фантастичен играч, но годините играње на врвно ниво си го направија своето“, рече Руни.
Се верува дека по Ливерпул, Салах ќе ја продолжи кариерата во Саудиска Арабија, од каде што веќе имаше астрономски понуди.
Салах има договор до летото 2027 година.