Салата во Градскиот парк обновена, по пет децении Работнички доби нов дом

Салата во Градскиот парк обновена, по пет децении Работнички доби нов дом

пред 2 часа

Отворена е целосно реконструираната сала „Работнички“ во Градскиот парк, еден од најстарите спортски објекти во државата.

Во рамки на свеченоста по тој повод, се одигра ревијален натпревар меѓу младинскиот состав на КК „Работнички“ и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, проследен со настапи на хип-хоп групи и богата спортска програма.

На отворањето, покрај бројните гости, градоначалникот и советниците на Општина Центар, присуствуваа и ветераните на КК „Работнички“, Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски, и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“, симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова, истрајност и нов почеток.

„Се што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа, која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап, дека заедно можеме да направиме се. Без политика, без делби, напротив, обединети и сложни во успесите и резултатите“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Обраќајќи им се на младите центарци кои ги исполнија трибините, Герасимовски порача дека салата е наменета токму за нив, за генерациите што допрва ќе создаваат нови спортски успеси и ќе го носат духот на „Работнички“.

,,Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување на вистински вредности во животот. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете присутни, да бидете здрави и конкурентни, да создавате резултати, да се радувате на своите и заедничките успеси! Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја”, порача Герасимовски.

Салата е реконструирана според стандардите на ФИБА, со целосно обновен паркет, нова фасада, современо ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација, нови соблекувални, санитарни јазли и нови столчиња на трибините.

Со обновата на објектот во Градски парк, најтрофејниот клуб доби дом достоен за своето име и традиција, место каде што ќе се редат нови победи и ќе се гради иднината на спортот во Центар.

Share
Scroll to Top