Селекторот на Шкотска: Навивачи, немојте да се задолжувате за да одите на Светското првенство

Селекторот на Шкотска: Навивачи, немојте да се задолжувате за да одите на Светското првенство

пред 10 часа

Селекторот на Шкотска, Стив Кларк, ги повика навивачите да не се задолжуваат за да го следат тимот на претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико.

Се очекува осум проценти од билетите да им бидат достапни на навивачите на Шкотска за натпреварите против Хаити и Мароко во Бостон и против Бразил во Мајами, во групната фаза на Светското првенство. Шкотската фудбалска асоцијација изрази надеж дека бројот на билети за шкотските навивачи ќе се зголеми.

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) беше критикувана поради прескапите билети за турнирот, кој ќе се одржи од 11 јуни до 13 јули 2026 година. И селекторот на Шкотска смета дека билетите се скапи.

„Ќе биде скапо. Но, секако е скапо да се оди во Америка. Билетите се скапи. Ако можете да одите таму, ако можете да си дозволите да одите таму, тоа е фантастично, но не се задолжувајте премногу за да одите. Тоа е турнир на ФИФА, тие одлучуваат што ќе одлучат“, изјави Кларк за Би-Би-Си Шкотска.

Цените на билетите за натпреварот против Хаити ќе бидат 134, 298 и 372 фунти, додека за натпреварот против Мароко ќе чинат 136, 320 и 447 фунти.

Цените на билетите за дуелот со петкратниот светски шампион Бразил, на 24 јули се 198, 373 и 523 фунти. Шкотската асоцијација доби 3.736 билети за тој натпревар.

Кларк рече дека се надева оти навивачите „кои патуваат на далечни места“ ќе можат да добијат билети по прифатливи цени бидејќи „заслужуваат да бидат таму“.

Foto/ depositphotos

Share
Scroll to Top