Зимските олимписки игри во Милано и Кортина донесоа низа неверојатни моменти, а еден од најголемите се случи во понеделникот, во женскиот монобоб.
Американката Елана Мејерс Тејлор го освои златниот медал, со што се запиша во историјата како најтрофејна зимска олимпијка во историјата на американската репрезентација, но и како најстарата Американка со злато на Зимските олимписки игри.
Четириесет и едногодишната Мејерс Тејлор победи со вкупно време од 3:57,93. Во неизвесен финиш, таа беше побрза од Германката Лаура Нолте, која го освои среброто со разлика од само четири стотинки (3:57,97). Бронзениот медал ѝ припадна уште една Американка, Кајли Армбастер Хамфрис, чие време беше 3:58,05.
Со освојувањето на златниот медал, Мејерс Тејлор се израмни со легендарната брзолизгачка Бони Блер како најтрофејна американска спортистка на Зимските олимписки игри. Двете сега имаат по шест олимписки медали. Во исто време, Мејерс Тејлор стана најстарата Американка во историјата што освои златен медал на Зимските олимписки игри.
Мејерс Тејлор освои медали на сите Зимски олимписки игри на кои учествувала од 2010 година. Во Ванкувер 2010 година, таа освои бронза со Ерин Пак, а потоа две сребра во боб со две седишта – во Сочи 2014 година со Лорин Вилијамс и во Пјонгчанг 2018 година со Лорен Гибс. На Игрите во Пекинг во 2022 година, таа освои сребро во боб со едно седиште и бронза во боб со две седишта.
Foto/ EPA






