Најпознатиот голфер на сите времиња, Тајгер Вудс е во болница во Калифорнија откако доби повеќе повреди на нозете откако излета со својот автомобил во близината на Ранчо Палос Вердос.
Шерифот на Лос Анџелес потврди дека 45-годишниот Вудс бил извлекуван од автомобилот пред тој да биде пренесен во локалната болница.
„Возачот и единствениот во возилото беше ПГА голферот, Елдрик ‘Тајгер’ Вудс. Господинот Вудс беше изваден од возилото со помош на пожарникарите и пренесен во локалната болница“, објавија од канцеларијата на шерифот.
Неговиот агент, Марк Стајнберг потврди дека тој бил во „несреќа со едно возило“ и дека има „повеќе повреди на нозете“.
„Тој во моментов е на операција и затоа ви благодариме на поддршката и почитувањето на приватноста“, изјави Стајнберг.
Вудс, кој сигурно ќе заврши во Куќата на славните на голфот, ја освои својата 15. гренд слем титула во 2019 година, по петти пат триумфирајќи на Мастерсот.