Тешки задачи за Сити, Челзи и Спортинг, Арсенал има зицер против Баер

Тешки задачи за Сити, Челзи и Спортинг, Арсенал има зицер против Баер

пред 4 часа

Вечерва ќе бидат познати првите учесници во четвртфиналето, во Лигата на шампионите. Европската сензација, Боде/Глимт, може прв да обезбеди место во Топ 8. Норвежаните, во Лисабон ќе бранат предност од три гола. Иста предност по првиот натпревар има и Реал против Манчестер Сити и ПСЖ против Челзи. Арсенал и Баер Леверкузен реваншот ќе го започнат од 1.1.

Во последните седум сезони, Реал Мадрид никогаш пред госување на „Етихад“, немал предност од три гола (3:0), и затоа многумина веруваат дека „кралскиот клуб“ ќе може да ја одбрани предноста од „Сантијаго Бернабеу“.

Манчестер Сити се надева дека ќе може да испорача три или дури четири топки во мрежата на Тибо Куртоа, но лично се наметнува прашањето дали може недопрена да остане мрежата на Џанлуиџи Донарума.

„Способни сме да продолжиме понатаму, треба само да одиграме совршен натпревар. Фудбалот е таква игра што сè може да се случи. Нашиот фокус ќе биде да го добиеме натпреварот и да продолжиме понатаму. Но, ќе видиме што ќе се случи за време на натпреварот. Немам конкретен план. Ќе се обидеме да го постигнеме најдоброто“, рече менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.

Потоа, предводникот на Сити искрено говореше.

„Дома секогаш создаваме многу шанси, повеќе ме интересира дали ќе успееме добро да се браниме, предизвикот е голем, не е лесно да му дадете на Реал три гола, а камоли да ги победите со три гола разлика. Генерално, сме способни да одиграме голем натпревар“.

Реал пристигна многу посилен отколку во првиот дуел со Килијан Мбапе, Џуд Белингам и левиот бек Карерас.

„Знаеме што нè очекува, играчите се свесни дека дуелот ќе биде потежок отколку во Мадрид, а за да победиме, мора да се претставиме многу подобро отколку во првиот натпревар. Мора да го ставиме на ризик нашиот тимски дух и напор, исто како во првиот натпревар“, тренерот Алваро Арбелоа имаше јасен план.

Челзи има слична мисија како Сити бидејќи Пари Сен Жермен пристигна на „Стемфорд Бриџ“ со иста предност од три гола (2:5).

„Нè казнија во Париз за нашите грешки. Не смееме да ги правиме бидејќи ПСЖ е шампион на Европа со причина. Знаеме дека можеме да се натпреваруваме, ќе ни треба одлична игра со многу малку грешки“, рече менаџерот на „сините“ Лиам Розениор.

Усман Дембеле, официјалната „Златна топка“ на светскиот фудбал, се опорави на време за финишот на Лигата на шампионите.

„Челзи е одличен тим, знаеме дека ќе мора да страдаме во одредени делови од натпреварот, но веќе поминавме низ тешки моменти минатата сезона и се надевам дека ќе знаеме како да се справиме со нив“, рече Дембеле.

Арсенал успеа да избегне пораз на „Бај Арена“, со гол од сомнително досуден пенал во 89-та минута.

Без разлика колкави фаворити се „топџиите“, гостите од Леверкузен покажаа пред седум дена дека имаат контра игра за лидерот во Премиер лигата.

„Ни требаат сите елементи од играта во наша корист за да продолжиме понатаму. Многу фактори ќе влијаат на исходот од натпреварот, верувам дека играчите на теренот ќе можат да го поднесат товарот“, воздржан беше Микел Артета.

Тренерот на Баерн, Каспер Хјулманд, сигурно има нов план да го изненади својот ривал бидејќи беше многу оптимист:

„Во првиот натпревар не им дозволивме да ни создадат многу можности. Ќе се обидеме да бидеме подеднакво доминантни и во реваншот. Уверен сум дека можеме да победиме и да се пласираме во четвртфиналето.“

Програмата во ЛШ ќе ја отворат Спортинг и Боде/Гимт од 18.45 часот, останатите три натпревари ќе започнат во 21 часот.

Foto/ EPA

Share
Scroll to Top