Славните „бикови“, тимот на Торино и следната година ќе бидат дел од италијанската Серија А, откако во презакажаниот меч против Лацио успеаја на „Олимпико“ да извлечат 0:0 реми и така да осигураат опстанок пред последното коло, во исто време праќајќи го Беневенто на Пипо Инзаги по само една сезона назад во втората лига, заедно со Парма и Кротоне.
Ова беше меч од 25. коло кој требаше да се одигра на 2 март, но беше откажан откако на тимот на Торино им беше наредено да одат во изолација поради пандемијата на КОВИД-19. Лацио бараа службена 3:0 победа, но Торино успеа да докаже дека само го следеле протоколот на лигата.
Лацио имаа еден поништен гол на Чиро Имобиле, а во 83. минута капитенот имаше шанса да ја осигура победата од белата точка, но ја погоди само стативата. Ова е неверојатен четврти промашен пенал на Имобиле оваа сезона.