Претходната ноќ, кратко пред 1 часот по полноќ, пред својот имот во населбата Христо Смиренски во Пловдив, беше убиен бугарскиот бизнисмен и сопственик на фудбалскиот клуб Ботев, Иројан Филипов. 53-годишникот бил убиен со еден истрел во главата од заседа.
Полицијата и Обвинителството на заеднички брифинг потврдија дека злосторството се случило ноќта помеѓу 29 и 30 септември 2026 година, а повикот до Итната служба 112 е примен околу 1 часот по полноќ.
Деталите за сериозното злосторство засега се оскудни. Нема официјални информации за уапсените или бараните лица. Засега не е познато дали имало сведоци.
Областа околу местото на злосторството е блокирана, пишува бугарската „Нова телевизија“. Сообраќајот на неколку улици е ограничен поради работата на истражителите. Во тек се претреси и контроли на возила, а полицијата запленува снимки од надзорните камери во близина на комплексот „Орхидеите“.
Во истрагата учествуваат членови на Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Пловдив и Генералната дирекција на Националната полиција.
Полициска акција од големи размери се спроведува и надвор од непосредната зона каде што е извршено злосторството. Главните влезови и излези на Пловдив се покриени со полициски патроли. Полициските службеници запираат и проверуваат возила што изгледаат сомнително или би можеле да бидат поврзани со кривично дело.






