Финишот на полувремето кобен за Македонија, пораз од Словенија со 21-31

Финишот на полувремето кобен за Македонија, пораз од Словенија со 21-31

пред 3 години

Добрите две третини од првиот дел од мечот меѓу Македонија и Словенија во рамки на главната фаза од ракометниот Мундијал во Египет се поттиснати од лошото издание на ракометарите во продолжение од мечот. Македонија со 21-31 загуби од Словенија во првиот меч од новоформираната група во која не очекуваат и мечевите со Белорусија, односно Русија.

Добри 21 минута од првото полувреме за македонските ракометари, и катастрофални последни 9 минути – без постигнат гол.

Во 21 минута беше егал 9-9, Македонија претходно имаше и водство од два разлика (5-3 и 6-4).

Сепак, поради црните минути од мечот, Словенците на полувреме отидоа со +4, 13-9.

Првиот дел во македонската репрезентација помина во знакот на Лазаров кој постигна 3 гола, исто колку и „оспоруваниот“ Талевски. На голот Никола Митревски собра 7 одбрани, а Лесјак на спротивната страна броеше до 11.
Кај Словенија ветеранот Драган Гајиќ првото полувреме го заврши со 5 погодоци. Три гола постигна бекот Доленец.

И вториот дел започна како што заврши полувремето, со прецизна игра кај Словенија и конфузија во македонските редови.
Словенците по 8 минути игра од вториот дел веќе отидоа на +7, на семафорот во Каиро стоеше 11-18, кратко потоа и 12-19.

Мачковшек и Зарабец сега беа поддршка за неуморниот Гајиќ, а во нашата селекција Лазаров не успеваше да ги мотивира соиграчите да направат крупен чекор кон пресврт во мечот.

Во 11 минута од вториот дел Словенија стигна и до највисоки +8, 12-20 што значеше крај за надежи за пулените на Данило Брестовац.

Се обиде нашата селекција да се врати во живот, успеа од -9 (12-21) да се врати на -6, но тоа беше се што успеаја ракометарите на Македонија да сторат.

На крајот на новиот пораз за македонската ракометна репрезентација во Каиро капитенот Кире Лазаров мечот го заврши со 5 гола, по 3 постигнаа Талевски, Филип Кузмановски и Танкоски.

Кај победничката селекција најпрецизен беше Гајиќ со 7 гола, го следеа Мачковшек и Доленец со по 5.

Во втората рунда од главната фаза, Македонија силите ќе ги одмери со Белорусија, мечот се игра на 22. јануари.
Фото: Balkan Handball

Share
Scroll to Top