Првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез денеска одржа говор на Генералното собрание на клубот, каде уште еднаш ги нападна УЕФА, ФИФА, Лигата на шампионите и најави заживување на идејата за фудбалска Супер лига. Реал повторно влегива во отворена „војна“ со двете најголеми фудбалски организации, најмногу поради неуспехот, така барем смета Перез, во доделувањето на Златната топка. Реал смета дека престижната награда требаше да му припадне на Винисиус Жуниор, а не на Родри од Манчестер сити.
За почеток, Перез рече дека новиот формат на Лигата на шампионите е безвреден.
„Новиот формат на Лигата на шампионите е неправеден, никој не го разбира. Има повеќе натпревари, а вредноста на секоја е намалена за 30 проценти. Повеќе натпревари, но безвредни натпревари. Ова е натпреварување кое предизвикува возбуда само на крајот, а не од почетокот“, рече Флорентино.
Претседателот на Реал уште еднаш ја врати во етерот темата за Суперлигата.
„Пооптимист сум од било кога! Европскиот суд донесе историска одлука, која ќе се изучува на универзитетите. Монополот на УЕФА заврши. Никогаш не рековме дека ќе биде лесно. Ова е нешто огромно, со сите притисоци и закани што доаѓаат со него. Горди сме што се бориме за Суперлигата. Сакаме да ја вратиме величината на фудбалот. Овој сегашен систем не функционира, а моментот е критичен. А22, компанијата која раководи со проектот на Суперлигата, сè уште разговара со клубовите и работи на идејата“.
Флорентино Перез многу јасно објасни што го мачи.
„Покрај проблемот со календарот, никој не е заинтересиран да приреди добро шоу. За 122 години фудбал, англиските клубови ни гостувале само 22 пати. Видете, Арсенал еднаш ни гостуваше во последните 16 години, Манчестер јунајтед еднаш. Додека за тоа време, Надал и Федерер играа еден против друг повеќе од 100 пати (всушност 40 пати). Насоката во која одиме не е добра”.
Потоа критиките ги насочи и кон Светската куќа на фудбалот, ФИФА.
„ФИФА го зголеми бројот на измени, а УЕФА го зголеми бројот на натпревари на турнирите, а исто така започна и ново натпреварување како што е Светското клупско првенство. Пред десет години организираа 488 натпревари, а сега 760. Само за да заработат повеќе. Никој не мисли на играчите. На пример, Белингем има 251 одигран натпревар на 21-годишна возраст. На негова возраст, Бекам одигра само 54. Физичкиот и психичкиот притисок врз играчите е непропорционален. Немаат простор или време за одмор. Ризикот од повреди е зголемен“.
Флорентино продолжи во истиот правец.
„Оваа сезона Реал може да одигра повеќе од 82 натпревари! Веќе имавме девет повреди на лигаментите на коленото. Специјалистите велат дека причина е заморот. „Натпреварите почнуваат се подоцна и подоцна, што дополнително го скратува времето за одмор и опоравување на фудбалерите“.
За крај упати критики и до шпанската лига.
„Жалиме што нема транспарентност. Изненадени сме како Лигата ја оправдува распределбата на пари на клубови и медиуми. Сметаме дека тоа е причината поради која дел од медиумите постојано не напаѓаат. Загрижени сме што Лигата ја напаѓа нашата економска вредност. Сакаат да ни ја одземат сопственоста на правата, кои им припаѓаат на клубовите“, грмеше Флорентино Перез.