Олимпискиот пламен беше запален во античка Олимпија и денеска е на пат за Париз, каде за 99 дена ќе започне најголемата смотра на светскиот спорт.
Свечената церемонија се одржа на античкиот стадион пред неколку илјади луѓе. Таму беа и Томас Бах, претседател на Интернационалниот олимписки комитет, како и Тони Естанж, првиот човек на Игрите во француската престолнина.
Пламенот го запали грчката актерка Мари Мина, а честа прв да го понесе факелот ја имаше олимпискиот шампион во веслање од Токио, Стефанос Дускос.
Факелот и го предаде на поранешната француска пливачка Лори Манаду, олимписка шампионка од Атина во 2004 година.
Факелот ќе патува низ Грција 11 дена, а потоа со брод ќе пристигне во Марсеј.
Олимписките игри годинава ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.