Американската скијачка легенда Линдзи Вон доживеа тежок пад во спустот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, а според француските експерти, примарната цел сега е да се спаси нејзината нога.
Четириесет и едногодишната Вон доживеа комплексна фрактура на тибијата за време на последната трка во Кортина.
По падот, можеше да се чуе како вреска од болка, а потоа беше евакуирана од патеката прво на носилка, а потоа и со хеликоптер.
Специјалистот за колено од Лион, д-р Бертран Сонери-Кот, за „RMC Sport“, изјави дека ваквите повреди се исклучително сериозни и во некои случаи можат да завршат со ампутација.
„Времето за закрепнување е непредвидливо. Ќе поминат месеци пред повторно да може нормално да оди. Нејзината прва цел сега е да ја задржи ногата и повторно да стои на неа. Враќањето на врвното скијање во моментов не е тема на разговор. Некои повреди како оваа можат да завршат со ампутација“, предупреди францускиот доктор.
Тој додаде дека фотографиите објавени од Вон на Инстаграм покажуваат дека и покрај успешните операции, поставен е надворешен фиксатор, метална структура што ја стабилизира коската, што значи дека фрактурата сè уште не е целосно санирана.

„Повредата е исклучително сериозна, ќе предизвика проблеми со месеци, а можни се и доживотни последици“, истакна Сонери-Кот, додавајќи дека ваквите повреди почесто се забележуваат во сообраќајни несреќи, особено кај мотоциклистите.
Слично мислење изрази и друг француски хирург, Николас Бодрие, кој за весникот „Лекип“ изјави дека станува збор за сериозна, можеби повеќекратна фрактура со можно оштетување на кожата, нервите и мускулите.
Според него, дури и на помлада личност би ѝ требало околу една година за целосно да се опорави.
Вон, пак, откри дека веќе имала три операции и рече дека не жали што се вратила на патеката, и покрај тоа што го скинала предниот вкрстен лигамент (ACL) само неколку дена пред трката, за што тврди дека не е поврзано со падот.
Foto/ depositphotos






