Барселона и Еспањол одиграа нерешено (1:1) на „Камп Ноу“, на последниот ден од годината. Натпреварот беше хаотичен, најмногу по заслуга на судијата Матеу Лахоз, кој покажа вкупно 15 жолти картони, а поради две опомени Џорди Алба и Соуза добија црвени картони.
„Ние сме виновни за резултатот. За нас беше важно да ја завршиме годината со позитивен резултат. Вистина е дека и понатаму сме лидери на табелата заедно со Реал, но ние самите сме виновни што загубивме два бода“, изјави Чави по мечот.
„Играчите ме следат, ако мислев дека е поинаку, ќе си заминам. Денес сите сме лути на самите себе. И не може да биде поинаку. Мора да се лутиш кога резултатот е неконзистентен со она што си го прикажал на теренот, но таков е фудбалот“, додаде тренерот на Барселона.
Тој го коментираше и судењето на Антонио Матеу Лахоз.
„Доколку Лахоз реши да разговара, би го прашал зошто дозволи играта да излезе од контрола. Судиите кои решаваат да разговараат и даваат човечки карактер на својата работа“, рече меѓу другото Чави по целиот циркус што го гледавме на „Ноу Камп“.