Поранешната светска тенисерка број 1 и петкратна гренд слем шампионка, Марија Шарапова се пензионираше минатата година по неверојатната кариера, и вели дека во ниту еден момент не размислувала да земе американско државјанство, иако живееше во САД од 1994 година.
Шарапова е родена во Њаган, Русија во 1987 година, и почна со тенисот на само 4 години со рускиоттренер Јури Јудкин, пред на шест години да добие совет да се пресели во САД во славната тениска академија на Ник Болетиери, и таа замина со својот татко Јури во 1994 година, по што постојано престојуваше во САД.
„Сигурно можев да земам американско државјанство ако сакав, но реално, не гледав зошто е тоа потребно. На крајот, се работи за семејната атмосфера во која си пораснал и културата која ја имаш. Мислам дека моето животно искуство беше образувано според руската култура од моето детство. Не зборувам за нацијата, туку за менталитетот и упорноста, која доаѓа со тоа што си Русинка. Затоа решив да останам само со руското државјанство“, вели Шарапова, која неодамна се сврши со британскиот милионер, Александер Гилкс.