Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ денеска го доживеа можеби најшокантниот пораз во неговата кариера, откако Италијанецот Лоренцо Сонего го совлада со 6:2/6:1 во четврт-финалето на Виена опен, по што изјави дека се работи за многу тажен ден за него поради смртта на српскиот митрополит Амфилохие и воопшто не му се играло.
„Многу тажен ден. Почитуваниот Амфилохие беше голем борец за православјето и некој кој служеше како ѕвезда водилка за српскиот православен народ и црквата во Црна Гора. Имав чест и радост да го запознам и да ја почувствувам позитивната енергија која ја поседуваше. Искрено, не ми се ниту играше. Не влијаеше толку тажната вест, иако имаше влијание. Во основа, не ми се играше. Го направив тоа што требаше да го направам. Чуден ден, но има и такви. Одам понатаму, вртам нова страница. Сега ќе поминам малку време со семејството, се враќам во Србија и се радувам на тоа. Тогаш ќе се подготвувам за Лондон за да се заврши годината на добар начин“, изјави Ѓоковиќ.