По големото изненадување што Лидс Јунајтед го направи во Лестер кога со 3-1 славеше против фаворитот, македонскиот репрезент во Премиерлигата, дефанзивецот на „пауните“, Езџан (Џани) Алиоски пред камерата на „Спортклуб“ даде изјава за состојбата во неговиот клуб, но и за можноста и други играчи од Македонија да заиграа во можеби најсилното првенство на Стариот континент.
„Не е лесно, ние знаеме физички сме многу јаки и затоа можеме да трчаме, и да имаме еден ритам 90 минути, да играме вака. Многу агресивни бевме на дуелите. Немавме многу контранапади. Да правиш пресинг и да имаш контра напади не е лесно“– рече Алиоски.
Фудбалерот прилично е сигурен и дека ќе има и други фудбалери од нашата земја кои ќе продолжат во Премиерлигата.
„Добро е да имаш навивачи, добро е Македонија да има играч кој игра во Премиерлига. Добро е да има и други, сега јас сум, имаме многу други таленти и мислам ќе има други Македонци овде во Премиерлигата. Тоа е најдобрата лига, многу е добро да играш тука“ – рече популарниот Џани.