Луис Хамилтон, поради коронавирусот, нема да вози во недела на трката за Големата награда на Сахир. Мерцедес соопшти дека негова замена ќе биде возачот на Вилијамс, Џорџ Расел.
Расел има 22 години, во Вилијамс е од 2019 година. Според многумина тој е еден од најталентираните возачи во Формула 1 и се очекува да вози за Мерцедес во блиска иднина. Та нема да биде случај во наредната сезона бидејќи Валтери Ботас има договор, а се очекува и Луис Хамилтон да го продолжи договорот.
Расел нема освоено ниту еден поен оваа сезона, но редовно го минува првиот филтер во квалификациите.
„Никој не може да го замени Луис, но ќе го дадам максимумот од моментот кога ќе седнам во болидот“, напишал Расел на „Твитер“.
Со оглед на потенцијалот што го поседува и болидот што ќе го вози во Бахреин, Расел ќе има идеална шанса да дојде до некој бод.
Инаку, на неговото место во Вилијамс, на Големата награда на Сахир ќе вози Џек Аиткен.