Фудбалерот на Баер Леверкузен, Амин Адли, ќе стане ново засилување на Борнмут.
Адли има 25 години, игра како напаѓач и офанзивен играч од средниот ред.
Тој е член на Баер Леверкузен од летото 2021 година, кога пристигна од родниот Тулуз. Мароканскиот репрезентативец беше стартер и одигра 45 минути во првиот натпревар од Купот на Германија против Гросбах. Адли му асистираше на Патрик Шик за првиот гол во победата од 4-0.
По натпреварот, Адли со солзи во очите, се збогуваше со навивачите на Баер.
Сепак, „Кикер“, објавува дека трансферот на Адли во Премиер лигата сè уште не е целосно завршен.
Германските медиуми објавуваат дека „Фармацевтите“ сè уште не постигнале целосен договор со Борнмут во врска со трансферот вреден околу 30 милиони евра, но тврдат дека трансферот сепак ќе се реализира.
Леверкузен ја започнува сезоната со 25 играчи во првиот тим, но сè уште има време да носи засилувања.
Голем број важни членови го напуштија тимот по завршувањето на претходната сезона: тренерот Чаби Алонсо (Реал Мадрид), играчот за врска Флоријан Вирц и десниот бек Џереми Фримпонг (Ливерпул), играчот за врска Гранит Џака (Сандерленд), капитенот Џонатан Та (Баерн Минхен)…
Бундеслигата започнува следниот викенд, а Леверкузен ќе го пречека Хофенхајм во сабота во 15:30 часот.