Ливерпул во средата на „Енфилд“ го победи Реал Мадрид со 2:0 во петтото коло од Лигата на шампионите. Алексис Мек Алистер ги доведе Англичаните во водство во 52. минута, а Коди Гакпо во 76. минута го постави конечниот резултат.
Реал можеше да се врати во игра во 61. минута, но пеналот на Килијан Мбапе го одбрани голманот на Ливепул, Келехер.
Пенал имаа и домашните, но ударот на Мохамед Салах заврши на левата статива од голот на Тибо Куртоа.
Реал Мадрид моментално е 24-та екипа во Лигата на шампионите и го држи последното место кое води во плеј-офот во нокаут фазата. Во следните три натпревари Реал гостува кај Аталанта, ќе го пречека Салцбург и ќе гостува кај Брест.
На тие натпревари избраниците на Карло Анчелоти ќе бидат под притисок да обезбедат пласман во следната фаза, но тренерот на Реал е сигурен дека неговиот тим ќе оди далеку во Лигата на шампионите.
Во изјава за „Ел Ларгуеро“, Италијанецот рече: „Најважно е што Реал ќе биде во финалето на Лигата на шампионите“.
Анчелоти е најуспешниот тренер во историјата на Лигата на шампионите со пет титули, две освои со Милан, три со Реал.